Печати
стационар Вардариште

vardariste6

Барање за ургентна истрага во стационар Вардариште, писмено известување и затварање на стационарот додека не се воспостават и стандардизираат услови за негово функционирање, согласно со „ ПРАВИЛНИКОТ за технички услови за прифатилишта, услови за чување на животните во прифатилиштата, постапките за еутаназија, начинот за водење евиденција и начинот за вршење надзор, форма и содржината на регистарот и начинот на регистрација, како и информациите потребни за регистрација„

(Доставено до Агенција за храна и ветеринарство, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство)

Почитувани,

Ние Здружението за заштита на животните „Анима Мунди„, македонски претставник - членка на Европска Вегетаријанска Унија и национален претставник -набљудувач на Европска Коалиција за прекин на експерименти врз животните, Ве контактираме и Ви се обраќаме во однос на стационарот Вардариште, јавна установа задолжена за хуман третман на бездомните кучиња во град Скопје, за чие функционирање повеќе пати сме реагирале кај Вас, како Надлежен државен орган за спроведување на Законот за заштита и благосостојба на животните.

Освен честите пријави на Здруженијата за заштита на животните дека стационарот не применува соодветна хумана, ефикасна и изгласана Програма со која цел е оформен стационарот Вардариште (реакции кои се повторуваат веќе 3 години по ред), алармантна е и бројката реакции од граѓани кои Ви посочиле дека

1) тамошниот третман е несоодветен а условите за престој страотни;

2) дека се заловуваат веќе претходно третирани кучиња, обележани со маркица, на кои по заловувањето им се губи трага;

3) дека на граѓаните не им се дозволува да ги подигнат локалните миленици и вратат на територија на која живеат, со образложение дека само вдомените кучиња може да се изнесат од стационар (индикативно е дека се убиваат голем број од невдомените)

4) Персоналот е неквалификуван и необучен и е контрадикторна нивната ангажираност ако го земеме предвид фактот дека истата служба вршела усмртување на кучињата со пушки во минатото.

5) Податокот дека на посетителите им е забрането слободно движење и фотографирање на животните, дека се во чекор следени од вработените во стационар, укажува дека нема елементарна транспарентност во работењето.

6)Одредени представници на Здруженијата за заштита на животните воопшто не се пуштаа да влезат во стационарот.

Поради наведеното Бараме Ваша истрага во стационарот, Писмено образложение за состојбата во истиот и превземање мерки, т.е.Затварање на стационарот додека не се восостават услови за негово функционирање – дотолку повеќе што е зимски период во годината. Како аргумент за таквота Постапка освен воопштените, претходно посочени точки потенцираме дека долгогодишно се крши Законот за заштита и благосостојба на животните како и Кривичниот Закон на РМ, зошто непостоењето на соодветни услови (технички услови кои се неопходен предуслов за да животните не бидат изложени на измачување; соодветно обучен персонал;  доследно спроведување на програмата) животните се измачуваат и неосновано усмртуваат. За наведеното може да Ви доставиме фотографии и видео материјал, направен скришно бидејќи во стационарот не е дозволено фотографирање.

Понатаму, со самиот факт што во Стационарот Вардариштен НЕ ГИ ИСПОЛНУВА пропишаните услови за престој и постапки, прецизно дефинирани со „Правилникот за технички услови за прифатилишта, услови за чување на животните во прифатилиштата, постапките за еутаназија, начинот за водење евиденција и начинот за вршење надзор, форма и содржината на регистарот и начинот на регистрација, како и информациите потребни за регистрација„ кој Вие како институција го  донесовте, неопходни за да функционира ваква установа,

се крши Кривичниот закон (член 233) и Законот за заштита и благосостојба на животните – изложување на стрес, страв, измачување (пр. умираат од премрзнатост, заразни болести –речиси сите мали кучиња) како и стапка на усмртување која неможе да се оправда.

 

ЌЕ НАВЕДЕМЕ САМО ДЕЛ ОД НЕРЕГУЛАРНОСТИТЕ ВРЗ ОСНОВА НА КОИ БАРАМЕ ДА ПОСТАПИТЕ :

1.      Кучињата се усмртуваат произволно, т.е не се држат во стационарот 30 дена, како што е пропишан минимален временски период потребен  за исцрпување за можноста за вдомување. Истото е проверливо во евиденцијата на животните, а воедно голем број граѓани вклучувајќи не и нас сведочат дека кучињата во најголем дел по вдомувањето исчезнуваат преку ноќ;

2.      Освен што се континуирано изложени на грубо постапување, страв, болка, неудобност, стационарот нема никакви услови да работи во зима.Тој во ниту еден случај не ги исполнува стандардите за хуман третман на кучињата (кои треба и постоперативно да престојуваат во истиот), кога не постои систем на загревање на истиот, а температурата во оваа сезона се симнува и под – 10 степени целзиусеви. Потенцираме – тие кучиња се оневозможени да се движат и природно да се загреваат, а таквите температури можат да бидат смртоносни за животните, особено што истите подложат на оперативен третман. Лежат на мокро и замрзнато и умираат во измачување. Изложување на животни на такви температури, представува измачување и кршење на Законот за заштита и  благосостојба, како и кршење на Кривичниот Закон (член 233, став 2). Условите кои се неопходни за хуман престој и третман на животните дефинирани се во Правилникот , во Член 2 – Технички услови како и во Член 3 -Простории во прифатилиште. Тие членови, како и сите понатамошни членови прецизирани во Правилникот се кршат во повеќе одредби (на Ваше барање ќе ви ги разработиме поединечно, според Европска стандардизација што претставува измачување на животни):

3.    Немаат соодветна вода за пиење, здравствената исправност не е испитана,

4.    Лежат константно во влажни или дословно мокри -замрзнати боксови,

5.    Нема дневна светлина, заштита од временските промени – а кучињата  би требале да престојуваат и до 30 дена,

6.    Нема ладилник за лешови,

7.    Видно се изггладнети и преслаби животните кои подолго престојуваат,

8.    Севкупно се изложени на неудобност и мачење, зошто и само премрзнување е долготрајно измачување,

9.    Температурата паѓа и до – 10 степени целзиусеви, животните се оневозможени да се засолнат, стоплат или го изразат своето нормално однесување.

10.     Нема 24 часовен дежурен ветеринарен надзор,

11.      Персоналот е груб, несоодветен, ако се обучени, обучени се само неколкумина  – со Правилникот е востановено дека теебаат сите,

12.    Просториите не се адекватни ниту за престој, ниту за карантин, ниту за посоперативна нега

13.      Ладилник за собирање лешеви нема, што е пропишано со Правилникот,

14.     Ветеринарната амбуланта во склоп на стационарот не е регистрирана во согласност со прописите за ветеринарно здравство,

15.      На боксовите каде се држат животните нема листа со податоци за секое куче поединечно, според прописите востановени со Правилникот – недостиг на листата посочува можност за импровизирање и неспроведување на Програмата, што ние го тврдиме со години.

16.        Нема простори адекватни за прием на болни животни, како што е пропишано – таквите се изложени на непотребо измачување

17.        Временските услови, екстремните температури влијаат на висока смртност, болести (огромна стапка на пневмонии) и долготрајно  измачување.

18.        Не се води соодветна евиденција, пропишана со Член 9

19.         Не се запазуваат Препишаните постапки за еутаназија ......

Посочуваме дека во ниту еден случај предмет на нашето Барање не е нешто што не е востановено Законски (со Законот за заштита и благосостојба на животните, Кривичниот законик) или пропишано со Правилникот. Реакциите во однос на овој стационар биле и остануваат премногу зачестени, а до дадениов момент не уследило никакво подобрување, промена во функционирањето или пак транспарентно работење – што е обврка на еден јавен објект од овој вид. Поради истото, приморани сме да бараме негово затварање. Како официјални документи кои се во сила, бараме да постапите согласно Вашите надлежности на Агенција за храна и Ветеринарство и ваков каков што е, го затворите Стационарот Вардариште додека не се создадат соодветни услови за хуман третман на бездомните кучиња –во спротивно се амнестира работењето на установа која функционира спротивно на Законот, Правилникот, нехумано и нетранспарентно – каква што е веќе препознаета и осудена и меѓу граѓаните на Скопје и Македонија, и на Европско ниво.

Ваш одговор на овој допис во однос на сите наведени нерегуларности, како и  постапките кои ќе ги превземете ги очекуваме писмено, на поштенската адреса наведена во меморандумот на овој допис.

Со почит,

Здружение за заштита на животни „АНИМА МУНДИ„

контакт телефон 077 487 253; 070 289 459

е-пошта: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

Денарска сметка: 240090002006130

Депонент: Уни Банка АД - Скопје

"Никогаш немојте да се сомневате во фактот, дека мала група на интелегентни и загрижени луѓе може да го промени светот.. Вистина, до сега, само таквите го менувале."