Печати
Македонските автопати како од хорор филм - реакција и барање за итна интервенција

Македонските автопати како од хорор филм - реакција и барање за итна интервенција

 

ДО:  Ј.П. Македонија Пат
М-р Гајур Кадриу, директор

Ние, здружение за заштита на животни „Анима Мунди“ www.anima-mundi.org.mk, поддржани од од здруженијата „Гласот на животните“ (Велес), „Мали Херои“ (Битола), „Анималиа“ (Охрид) и „Animal world“ (Струга), „Втора Шанса“ (Кочани),  „Живот“ (Штип), “Срце за животните” (Кавадарци), „Фауна“(Кумановo), Angelcats Sanctuary (Скопје) , Ви се обраќаме и бараме да се произнесете по однос на нашата заедничка реакција и барање.

 

 

Ви доставуваме видео снимката која во текот на вчерашниот ден се појави на социјалната мрежа Facebook  од која јасно се гледа како на автопатот Тетово-Скопје лежи штотуку удрено од возило (повредено или усмртено) куче, а истовремено друг возач на автомобил удира во друго куче кое буквално лета неколку метри – трет учесник во сообраќајот сето ова го снима.  Снимката е вознемирувачка и шокантна, и само резултат на околности и среќа е што немало и човечки жртви. Реагираме до вас како надлежна институција за итно превземање на дејствија како би се намалил ризикот од појава на животни и добиток на патиштата ширум територијата на Република Македонија со што најпрво би се намалиле можностите од сообраќајни незгоди, гарантирала безбедноста на патниците и би се заштитиле животните.

ЈП "Македонија пат" има повеќе работни задачи и обврски, а примарна е да ги гарантира условите за непречен и безбеден сообраќај  на магистралните и регионалните патишта. Погледнете го видеото - може ли воопшто да зборуваме за безбедност, кога гледаме што се случува? Овие патишта се децении ризични по живот, поточно стотици сообраќајни незгоди се резултат на нивната несоодветна заштита,  при што неретко загинуваат патници, а најчесто гинат животните.  Животните доколку не умрат веднаш остануваат на, или покрај патот, се распаѓаат од болка, оставени се да умрат во агонија.  ЈП "Македонија пат"  со децении е изложена на тужби и енормни финансиски загуби, пари кои наместо да се вложат во превенција на несреќите се даваат откако истите ќе се случат ќе се случат, се исплаќаат на оштетените лица во сообраќајот. Тоа ли е разумно и одговорно раководење со јавно претпријатие,  кое е платено  со јавните пари?  На јавноста и ја должите информацијата колку животи се изгубени, колку возила уништени и колку пари се исплатени за рефундирање на отштетите? Чувствувате ли одговорност? До кога вака?

Згрозени од оваа случка сме и ние здруженијата, љубителите на животни но и возачите чии реакции се очигледни по социјалните мрежи. Бараме итна санација на оштетена заштитна ограда и поставување на нова на делови од делниците каде нема поставено, а особено на делови од автопатиштата каде во околината има населени места, што преставува и Ваша обврска за која располагате со пари. Исто така бараме итно поставување на соодветна сообраќајна сигнализација на местата каде што заштитната ограда е оштетена и ограничување на брзината на движење на моторни возила се до санација на оградата.

 

Срамно е за една земја која претендира да стане земја членка на ЕУ, состојбата на патиштата долж целата република да се мизерни и катастрофални а нашите како и туристите –возачи да се сведоци на вакви случки. Патиштата се како од хорор филм!

Очекуваме одговор и брза реакција и превземање на конкретни мерки во спротивно би биле приморани нашето незадоволство да го искажеме со протест се со цел подигање на Вашата свест и за опасностите кои ги демнат и луѓето и животните на патиштата кои се под Ваша надлежност.

 

Скопје                                                                                                                                                                   Со почит

27-04-2016                                                                                                                  Здружение за заштита на животни  Анима Мунди - Скопје