Регистрација
PDF
Печати
Е-пошта
ЈАВНО ОБРАЌАЊЕ ДО КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2025

JАВНО ОБРАЌАЊЕ ДО КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2025

Во пресрет на локалните избори, прашањето за благосостојбата на животните мора конечно да излезе од маргините и да стане централно прашање од јавен интерес. Ова не е тема за фусноти, туку тест за институционална зрелост, правна доследност и етичка ориентација. Односот кон животните не е ограничен само на миленици – тој открива дали општеството е хумано или рамнодушно, дали владеат вредности или владее безредие и насилство.

Состојбата во Македонија останува алармантна: нефункционални стационари, еутаназија како „решение“, борби со кучиња, труења, игнорирање на страдањата на прекубројната популација на улични мачки, злоупотреба на коњи во сообраќајот и предизвикување општа опасност, диви животни третирани како изложбени експонати, тотален хаос со нерегулираното сопствеништво на миленици, нетранспарентно трошење јавни пари, слаби инспекциски механизми и нула одговорност. Граѓаните се оставени сами на себе. Теренот го покриваат активисти и организации кои ја завршуваат работата што државата ја избегнува. Зошто? Затоа што без системски решенија и без дејствување врз причинителот, промени не можат да се очекуваат. Одговорноста е кај институциите, вклучително и кај локалната самоуправа.

Затоа, до секој кандидат поставуваме едно прашање: ЌЕ ПРЕЗЕМЕТЕ ЛИ ОДГОВОРНОСТ – ИЛИ ЌЕ ОСТАНЕТЕ ДЕЛ ОД ПРОБЛЕМОТ?

 

Во име на доминантно мнозинство хумани и одговорни граѓани, го бараме јавно вашиот став во однос на овие прашања.

БАРАМЕ:

  1. Јасна обврска од кандидатите за градоначалници кон единствената хумана и ефикасна стратегија за справување со прекумерната бројност на бездомни кучиња – масовна стерилизација („залови – стерилизирај – врати“), проследена со бесплатна вакцинација и микрочипирање. Не како симболична мерка, туку системски и масовно. Бараме третирање на 75% од репродуктивно способните единки затекнати на улица на дадена територија (единицата на локална самоуправа со нејзината периферија). Системски, секој град и село, секаде. Бараме прекин на практиките што продуцираат страдање и бесперспективност со целосен фокус на суштината: спречување на изворот на проблемот – неодговорното сопствеништво, неконтролираното размножување, напуштање и трговија со миленици. Секој друг пристап, особено трајно затворање, дислокација или еутаназија, е брутален, неефикасен и неприфатлив.
  2. Стационари водени од активисти и програмска трансформација по моделот на ЈП „Лајка“. Итна реконцепција на сите постоечки стационари според примерот на „Лајка“ – системска промена кога институциите ги водат луѓе со порив, знаење и емпатија. „Лајка“ е пример како секој може да биде вклучен и да помогне, зoшто проблематиката нѐ засега сите, со градење партнерства почнувајќи од највисокиот дипломатски кор, преку меѓународни организации, локални граѓански здруженија кои работат на различни проблематики, јавни личности, бизнис секторот, па сѐ до најважното – активистите и сите хумани луѓе. Крај на стационари под раководство на партиски назначени нестручни или нехумани кадри. Бараме раководства што ја живеат хуманоста, што се отворени за соработка, и покрај ограничите услови и ресурси креираат решенија без убивање, и се насочуваат кон превенција: едукација со цел спречување на напуштањето и неконтролираното размножување. Од кандидатите за градоначалник на Скопје бараме континуитет на тимот што ја трансформираше „Лајка“, драстично проширување на капацитетите – особено за животните кои не може да се вратат на улица и карантински оддели; зголемен буџет, регионална и институционална координација и забрана на еутаназија како метод; координација со општините во рамки на градот и исполнување на нивните обврски кон јавното претпријатие. Изнаоѓање законски можности за дисперзирани стерилизации, побрзо делување и унифицирани пораки до јавноста. Финансирање итна служба во рамки на Лајка, која ќе делува 24/7 за итни случаи на повредено животно – зошто Скопје е единствен главен град во Европа во кој таква ветeринарна служба не постои.
  3. Реална контрола и инспекција на сопствеништвото на миленици. До денес, ниту една општина не воспоставила вистинска контрола врз сопствеништвото на миленици, иако тоа е законска обврска. Проблемот не почнува од улицата, туку од домот. Зад секое куче или мачка на улица стои неодговорен сопственик. Контролата мора да прерасне од законска норма во жива практика, со локални стратегии, активни комунални инспектори, редовни контроли и политичка волја за санкции. Спречувањето појава на нови бездомни животни е основен предуслов за надминување на проблемот и мора да биде фокус на локалните власти. Секое неодговорно сопствеништво што дозволува размножување и напуштање мора да се санкционира. Предлагаме и воведување данок за секое репродуктивно способно куче и мачка, како и стимулативни мерки за одговорните граѓани: бесплатни стерилизации и вакцинација за сопственички животни. Вклучување на сите чинители – локални ветеринарни станици, институции, образование и медиуми.
  4. Програми за хумана контрола на прекубројноста на мачките на улиците, заедно со субвенции за бесплатни стерилизации. Во Македонија само три општини во Скопје обезбедиле поддршка за стерилизации на мачки – што е недозволиво и уникатно во споредба со соседството и Европа. Фактите говорат дека 75% од родените мачки умираат невидливи на улица (труени, газени, давени, фрлени живи новородени во контејнери или од болести). Потребни се јасни и системски мерки што ќе го промовираат и поддржат одговорното сопствеништво и ќе ја намалат популацијата преку хумани методи. Само со вакви програми може да се спречи напуштањето, страдањето и неконтролираното размножување. Стационарите за бездомни животни мора да се адаптираат за третман, времено згрижување, стерилизација и вакцинација и на бездомните мачки; или, поради природата на животните ургентно да се создадат капацитети за нивно брзо и бесплатно стерилизирање во соработка со локални ветеринарни станици.
  5. Хуманост како јавна вредност – едукација, поддршка, а не суровост и занемарување санкции. Бараме континуирана едукација, јавни кампањи и соработка со организации што уживаат доверба и имаат искуство. Општините мора да промовираат хуманост и одговорно сопствеништво преку едукација, позитивни кампањи и субвенции за стерилизација одвојувајќи значителни буџетски средства за медиуми за масовно известување. Но, хуманоста значи и санкции. Борбите со кучиња се организиран криминал што мора да се третира како таков. Расфрлањето отрови е девијантност и јавна опасност. Фрлањето мачиња во контејнери, насилството врз животни е психопатско однесување што мора да се гони кривично. Бараме активни општини, кои преку засилени комунални инспекторски служби, ќе превенираат, евидентираат и процесираат случаи на насилство, со што ќе ја штитат безбедноста на сите.
  6. Забрана за движење на влечни коли со коњи во урбаните средини. Коњите не се превозно средство во 21 век. Камшици, пот, крв, асфалт и издувни гасови не се достоинствен живот, туку тортура пред очи на јавноста. Локалната власт мора да ги искористи надлежностите за да го забрани ова, да обезбеди засолништа за рехабилитација и крај на овие злоупотреби.
  7. Трансформација на зоолошките во центри за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови. Зоолошките во Македонија се озлогласени места каде што стотици животни живеат во заробеништво и се третирани како неживи предмети, а не како живи суштества со свои потреби. Граѓаните, особено младите, сè повеќе бараат хумани и етички политики. Меѓународните трендови и ЕУ директивите се насочени кон заштита на биодиверзитетот и намалување на експлоатацијата на животните за забава. Вложувањето во центри за рехабилитација и конзервација е инвестиција во природниот капитал на регионот – ќе може да им се помага и на напуштени млади и на повредени животни. Еден ваков центар може да стане место за учење, еко-туризам и истражувања, каде што посетителите ќе добиваат знаење и искуства, наместо да гледаат во заробени животни, што е најважно ќе се отвори простор за македонски кадри да се задржат во земјата и да работат посветено дејност кон која се ориентирале.
  8. Гробишта за миленици. Македонија е единствената европска земја без системско решение за ова. Граѓаните се принудени тајно или незаконски да ги закопуваат или фрлаат телата на милениците со здравствени и еколошки ризици. Бараме јасно уредени, урбано планирани и достоинствено одржувани гробишта – прашање на култура и достоинство, не луксуз.

Почитувани, ова се јавни барања на кои очекуваме недвосмислени и конкретни одговори. Поддржувајќи ги овие предлози, градоначалниците испраќаат јасна порака дека нивниот мандат е посветен на хуманост, заштита на животните и европска иднина за градот. Вашето јавно произнесување е клучно за граѓаните да го дадат својот глас информирано и одговорно.

Секое ваше изјаснување по овие прашања ќе го споделиме на платформите на Анима Мунди  со 70.000 членови, партнерски организации и страници како и преку националните и локалните медиуми.

 
bann001
bann002
bann003

kujna

Пријатели на Анима Мунди

Благодарност до долунаведените кои ги сакаат животните и прифатија да се заложат за нив и бидат наши пријатели и подржувачи.

Civica mobilotas

SmartCode

JE caw InDesign white

КОНТАКТ ИНФО

Здружение за заштита на животни "Анима Мунди"

Телефон: 077 487 253

E-пошта: contact@anima-mundi.org.mk | anima.mundi.sk.mk@gmail.com

Денарска сметка
240090002006130
Депонент-Уни Банка А.Д.-Скопје

fb