Во Македонија може подобро, и животните заслужуваат правда:
ИНИЦИЈАТИВА ЗА УКИНУВАЊЕ НА НЕЕТИЧКАТА, НЕЕФИКАСНА И ЗЛОУПОТРЕБЛИВА МЕРКА ЗА ЕУТАНАЗИЈА НА КУЧИЊА СО ЛАЈШМАНИОЗА
До: Агенцијата за храна и ветеринарство
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
Македонската јавност

ПОДНОСИТЕЛИ: Здружение за заштита на животните Анима Мунди; Paws-2021 / Шепи-2021; Срце за животните Тиквеш; Здружение за заштита на животни и животна средина Шепаски ентузијасти Скопје; Асоцијација за згрижување и вдомување на бездомни животни БЕЗДОМНИ ЖИВОТНИ БЕЗ ГРАНИЦИ Скопје; Здружение за заштита на животните ПРО АНИМА Берово; Здружение за заштита на животни АНИМАЛ ЛАВЕРС – Струмица; Спаси Живот Штип - Здружение за заштита на животни; Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н; Лина - спаси живот, Кавадарци; НАРД, Куманово, МАЛИ ХЕРОИ, Битола.
Почитувани,
Во време кога Европа и светот се движат кон напредни, етички и ефикасни решенија за контрола на зоонозите и грижата за животните, Македонија заостанува — не поради немање можности, туку поради упорното одржување на една мерка што е подеднакво научно неоправдана, морално неприфатлива и лесно злоупотреблива. Говориме за точката 6.2 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните, која предвидува задолжително тестирање на бездомни кучиња за лајшманиоза и нивна автоматска еутаназија врз основа на позитивен серолошки тест, без оглед на нивната клиничка состојба – значи и сосема здрави животни.
Од кога е донесена, истата по инерција се реплицира секоја година по ред, не носи никаков бенефит, само лигитимизира убивање,служи како параван за трошење пари и значи смртна пресуда на илјадници здрави, мирни бездомни животни.
Ние, како здружение за заштита на животни „Анима Мунди“, кое повеќе од 15 години доследно се залага за хуман, одговорен и научно заснован третман на животните, заедно со нашите здруженија партнери, бараме итно укинување на оваа мерка. Не затоа што тоа го сакаме ние – туку затоа што тоа го бараат фактите, науката, практиките во ЕУ, и – најважно – основните принципи на етика и правда.
Со оваа иницијатива, бараме целосно укинување на точката 6.2 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните. Сметаме дека е крајно време државата да се откаже од оваа неетичка и неефикасна пракса и да го следи примерот на напредните земји, кои спроведуваат решенија засновани на наука, етика и современи ветеринарни протоколи.
ЗОШТО ОВАА МЕРКА Е ПОТРЕБНО ДА СЕ УКИНЕ?
Ниту една земја од Европската Унија, па дури ни оние со висока ендемичност на лајшманиоза како Грција, Италија или Шпанија, не спроведува задолжително тестирање и убивање на кучиња со серопозитивен тест. Ниту Германија – земја со силен јавен здравствен систем и далеку поголеми ресурси – не си дозволува да фрла пари на метод што не носи резултати. Зошто тогаш тоа го прави Македонија? Зарем нашата држава има толку вишок на средства, што може да ги троши за нешто што ниту една сериозна држава не го смета за прифатливо?
Оваа мерка не е само непотребна и неефикасна – таа е и длабоко неправедна. Таа се спроведува исклучиво врз бездомни животни, дури и тогаш кога тие се здрави и имаат потенцијален вдомувач. Во исто време, сопственичките кучиња – иако можат да бидат носители на истиот патоген – не се тестираат, не се третираат и не се казнуваат. Државата, преку оваа мерка, спроведува двојни стандарди: едно правило за оние што немаат дом, и друго за оние што се „приватна сопственост“. Тоа е правен и етички апсурд.
И не само што е апсурдно – тоа е и опасно. Преку оваа политика се отвора простор за лесна манипулација и злоупотреба. Кога една лабораториска мостра може да се користи за да се евидентираат повеќе кучиња како заразени – без можност за проверка, ревизија или јавно следење – тогаш зборуваме за механизам кој лесно може да се претвори во алатка за масовно и бескрупулозно убивање. Граѓаните веќе имаат сознанија и сомнежи за вакви случаи, а институциите должат објаснување и транспарентност.
Дополнително, лајшманиозата не е болест која се пренесува директно од куче на човек, туку преку песочни мушички. Контролата на оваа болест се врши преку векторска контрола, профилакса. Не преку убивање. Тоа го потврдуваат и CDC, и ECDC, и Светската здравствена организација. Тоа го велат и домашните експерти, како Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – институции кои јасно посочуваат дека состојбата во земјава не е алармантна, и дека оваа мерка нема никакво јавно-здравствено оправдување.
Убивањето на бездомни животни како „превенција“ од болест која не се шири директно, е не само контрапродуктивно, туку и варварско.
Потребно е итно преструктуирање на пристапот – кон модел кој ќе се темели на One Health принципот, каде здравјето на луѓето, животните и екосистемот се третираат како поврзани и взаемно зависни. Тоа значи интегрирана политика и соработка меѓу здравствени, ветеринарни и еколошки институции. Тоа значи третман со почит, со разум и со визија – а не со самоволие, бруталност или инертност.
Убиени се илјадници кучиња, мирни, здрави животни, нечиви потенцијални миленици. Ова никако не е само прашање од ветеринарна политика. Ова е прашање на вредности. Какво општество сакаме да изградиме? Дали сакаме институции кои носат одлуки врз основа на докази и морал, или по инерција и политички притисок? Дали сакаме држава што убива, или држава што штити?
Бараме итно укинување на оваа мерка. Бараме термин за средба во најкус рок, на кој секако може да доставиме дополнителна аргументација за наведените барања, доколку сметате дека е потребна; за што може да не контактирате на нашата e адреса: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
Бараме јавно изјаснување од институциите и спречување на секое понатамошно извитоперување на науката, здравиот разум, моралот на една нација.
Македонија заслужува подобро. И животните заслужуваат правда
Со почит,
Здружение за заштита на животните Анима Мунди
заедно со:
"Срце за животните Тиквеш"
Здружение за заштита на животни и животна средина Шепаски ентузијасти Скопје БЕЗДОМНИ ЖИВОТНИ БЕЗ ГРАНИЦИ Скопје
Асоцијација за згрижување и вдомување на бездомни животни
Здружение за заштита на животните ПРО АНИМА Берово
Здружение за заштита на животни АНИМАЛ ЛАВЕРС – Струмица
Спаси Живот Штип - Здружение за заштита на животни
Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
Лина - спаси живот, Кавадарци;
НАРД, Куманово,
МАЛИ ХЕРОИ, Битола.









