Печати
САКАТЕ ДА ВДОМИТЕ БЕЗДОМНО ЖИВОТНО; ШТО СЕГА?

Ви честитаме на изборот, туку што правите едно големо благородно и хумано дело!:)

Животните на улица се осудени на многу тежок живот, секојдневие исполнето со страв, трауми, глад, предвремена, најчесто насилна смрт. Со вашата одлука вие спасувате еден живот, а притоа давате еден преубав позитивен пример на останатите луѓе, пример вреден да се следи. Благодарение на таквите како вас, се поголема е бројката поединци кои вдомиле и спасиле живот, стекнале прекрасен, верен и уникатен пријател и миленик.

Миленик можете да најдете на секој чекор, само завртете се додека поминувате улица, погледнете некое куче или маче во очи и сигурни сме дека во некое од напуштените животни ќе го препознаете вашиот иден верен другар. Крај на животот на улица за тие суштества значи нов почеток. Но убаво размислете - немојте да вдомите, доколку не планирате за цел живот да го чувате вдоменото животно. Животните не се играчки, туку чувствителни битија, на кои најмалку од се им е потребно да бидат згрижени, а потоа повторно напуштени. Вашето напуштање за нив значи само дополнителна траума, голема е бројката на такви кои, откако биле исфрлени на улица, се разболеле и умреле од тага по своето човечко семејство.

 

Ве молиме, ова сериозно земете го во предвид и не донесувајте избрзани и непромислени одлуки. А за секоја помош, совет, ветеринарни попусти за лекување и стерилизација (која е од суштествена важност за да се стави крај на бездомните животни на улица) може да ни се обратите - со задоволство ќе ви помогнеме!

Одберете си го вашето милениче од блогот за вдомување „Вдоми не Купувај“ кој можете да го најдете на следниот линк. (www.e-animamundi.eu.pn)
При вдомувањето задолжително се пополнува електронски формулар за вдомување на Системот за електронска евиденција и либерирање „Регистар на животни“ (www.e-animamundi.eu.pn)