Печати
ПОТРЕБНОСТ ОД КАСТРАЦИЈА

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА СТЕРИЛИЗАЦИЈА, ИЛИ КАСТРАЦИЈА ?

Кастрација на животните претставува оперативно отклонување на нивните полови органи - кај женките (што во секојдневната комуникација најчесто се нарекува стерилизација) на јајниците, јајцеводите и матката, а кај мажјаците на тестисите. Кастрацијата на домашните миленици важна е за самите животни, за останатите животни во околината, за нивните сопственици, за сите останати луге со кои животните доаѓаат во контакт, КАКО НАЈДОБАР НАЧИН ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД НЕПОЖЕЛНИ МАЧИЊА/КУЧИЊА, А ВОЕДНО КАКО ПРЕВЕНЦИЈА ОД РАЗНОВИДНИ ВОСПАЛЕНИЈА, ТУМОРИ НА РЕПРОДУКТИВНИТЕ И ОСТАНАТИТЕ ОРГАНИ И РЕД ДРУГИ, ЧЕСТОПАТИ И СМРТОНОСНИ ЗАБОЛУВАЊА НА ЖИВОТНИТЕ.

Секоја година се убиваат милиони кучиња и мачки, бидејќи на улиците и во домовите се непожелни и нема кој да се грижи за нив. За да се спречи тоа, покрај превенирање на (тука наведените) останати проблеми, стерилизацијата/кастрацијата на домашните миленици е идеално решение.

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ ДЕКА....

•Само една мачка и нејзиното потомство во период од седум години може да донесат на свет 100 000 мачиња,
•Само една кучка и нејзиното потомство во период од седум години може да донесе на свет 60 000 кучиња,
•Повеќе од 70% од овие животни би биле усмртени во страотни околности на улица, или локалните стационари,
•Во Скопје, единствениот стационар за бездомни кучиња официјално усмртува 60% од заловените кучиња, бројка во која не се пресметани и оние кои умираат од тамошните зарази - речиси сите мали кученца.

•Сеуште најактуелна метода на намалување на бројноста на бездомните кучиња и мачки во градовите и селата низ Македонија е нивно труење, дури и застрелување.
•Просечна возраст која ја доживуваат животните на улица е до две и пол години (иако во нормални услови векот им е 8-15 години) - жртви се на константни трауми, малтретирања од страна на злонамерните луѓе, глад, болести, болка и измачување...

ЗАТОА ДОБРО ЗАПОМНЕТЕ ГО СЛЕДНОВО:

1) Кастрираните животни многу поретко завршуваат на улица каде ги очекува глад, жед, возила, тепања, отрови, болести, студ, страв и изгубеност..

2) Со кастрација се спречува неконтролирано зголемување на популацијата на домашните животни, а со самото тоа и непотребното нивно завршување на улица, непотребното нивно мачење и убивање. Се затвара кругот на раѓањето кученца и мачиња кои се непожелни на улиците и притоа се спречува нивното масовно усмртување,

3) Стерилизацијата/кастрацијата го решава проблемот при прошетка на вашето куче -нема повеќе собирања на глутница мажјаци и нивно континуирано завивање кога женка има циклус,

4) Со стерилизација/кастрација се спречува психолошкото измачување на животното, односно неговата депресија, агресивноста кон другите животни, како и бегањето од дома во потрага по партнер за да се задоволат природните нагони,

5) Доколку е животното бездомно, а го стерилизирате, тоа има значително поголеми шанси да преживее на таа територија. Не е плодно и не се размножува, ја чува територијата од миграција на други единки, воедно хормоналниот статус му е смирен, не се групира во глутници,

 

6) Стерилизацијата/кастрацијата е идеална заштита од болести на животното како што се тумор на градите, тумор на матката, пиометра, сепса, рак на простатата и тестисите,

7) Медицински е докажано дека стерилизираните/кастрираните животни подолго живеат,

8) Денес ваквите оперативни зафати се извршуваат сосема рутински, така што животното веќе по неколку часа по операцијата е свесно и може речиси се' самостојно да извршува. Вашата обврска е само да внимавате да не ги оштети шавовите, кои се вадат по 7-10 дена.


КОГА НАЈРАНО МОЖЕ ДА ГО СТЕРИЛИЗИРАТЕ, ИЛИ КАСТРИРАТЕ ВАШИОТ МИЛЕНИК?


Ветеринарите препорачуваат стерилизација на женките пред првиот циклус. Животното нема да заостанува во растот и развојот. Стерилизацијата/кастрацијата не влијае на темпераментот и интелигенцијата на животните, а нема ни влијание врз дебелеењето кое зависи исклучиво од количината на храна што животното ја јаде.

Ако го имаме предвид фактот дека домашните животни и миленици се издвоени од своето природно живеалиште, на нас е одговорноста за нивната благосостојба и размножување. БИДЕТЕ СОВЕСЕН И ОДГОВОРЕН СОПСТВЕНИК И НА ОВОЈ НАЧИН СПАСЕТЕ МНОГУ ЖИВОТИ ОСУДЕНИ НА ТАЛКАЊЕ, ГЛАД, СТРАВ, БОЛКА И СМРТ.

ЗНАЈТЕ И ДЕКА СО ПРЕВЕНЦИЈА ДА СЕ РАЃААТ НОВИ ЕДИНКИ, ИМ ДАВАТЕ ПОВЕЌЕ ШАНСА НА ВЕЌЕ РОДЕНИТЕ ДА ПРЕЖИВЕАТ.

 

ПРЕДВИДЕТЕ ГИ ПОСЛЕДИЦИТЕ  И ДОНЕСЕТЕ ПРАВИЛНА И ХУМАНА ОДЛУКА