Печати
Што навистина ќе се случи ако цел свет се исхранува вегански?

Со глобална примена на веганска исхрана до 2050 година, ќе се спасат повеќе од осум милиони човечки животи, а емисиите на стакленички гасови ќе се намалат за две третини, се истакнува во истражувањето спроведено од Универзитетот Оксфорд, објавено на 21-ви март, оваа година.

И покрај тоа што веќе неколку претходни истражувања укажаа на тоа дека здравата исхрана може да донесе значајни придобивки за животната средина, и воедно проучуваа и начини за поттикнување промени во исхраната кај луѓето, сепак, новото истражување на Универзитетот Оксфорд е првото истражување кое истовремено ги мери здравствените, еколошките и економските придобивки од промените во исхраната.

Со цел да го спроведат ова истражување, тимот научници од Универзитетот Оксфорд во Велика Британија анализираше мноштво податоци од Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации, Светската Здравствена Организација, како и претходно извршени епидемиолошки студии и анализи на животни циклуси, за да се споредат ефектите од различни пристапи кон исхраната.

Во склоп на оваа студија, која е објавена во Зборникот на Националната Академија на Науките, истражувачите проучувале четири различни сценарија со цел да откријат како исхраната, здравјето и животната средина се поврзани во една глобална перспектива.

Во студијата се содржани научни докази кои сериозно го поткрепуваат ова тврдење.

Во сценарио каде што би се усвоила речиси универзална веганска исхрана - научниците велат дека до 2050 година можат да бидат избегнати околу 8,1 милиони смртни случаи, како и да се заштедат околу 1.5 трилиони фунти кои се поврзани со штетата од климатските промени. Додека пак преку вегетаријанската исхрана можат да се спасат 7,3 милиони животи.

„Неизбалансираните типови на исхрана, како што се исхраната сиромашна со овошје и зеленчук, како и исхраната која вклучува црвено месо и преработки од месо, се одговорни за најголемиот здравствен товар на глобално ниво и тоа во повеќето региони,“ вели Марко Спрингман, главен автор на студијата спроведена од Оксфорд Мартин Програмата за Иднината на Храната.

Околу половина од избегнатите смртни случаи се должат на намалување на консумацијата на црвено месо, а другата половина се должи на комбинација на зголемување на внесот на овошје и зеленчук и намалување на калориите, што доведува до помалку луѓе кои би имале прекумерна телесна тежина.

Освен значителното унапредување на здравјето, студијата исто така открива дека намалувањето на потрошувачката на месо ќе има огромно позитивно влијание врз животната средина.

Храната која ја конзумираме е одговорна за повеќе од една четвртина од глобалните емисии на стакленички гасови. 80 проценти од тие емисии се резултат на производството на животински продукти, а следствено на тоа претставуваат и огромен причинител на климатските промени.

Студијата предвидува дека до 2050 година, емисиите на стакленички гасови поврзани со храната би можеле да бидат причинител за една половина од вкупните емисии на гасови кои светот може да си ги дозволи, и тоа ако глобалното затоплување се ограничи на помалку од 2 степени целзиусови.

Со усвојување на постоечките глобални препораки за исхрана можат да се намалат околу 29 проценти на емисии на стакленички гасови од секторот храна, вегетаријанската исхрана може да ги намали емисиите на стакленички гасови за 63 проценти, а глобалната веганска исхрана истите би ги намалила дури за 70 проценти.

Во студијата исто така е анализирано влијанието на промените во исхраната на регионално ниво. Истражувачите заклучуваат дека Источна Азија, Латинска Америка и западните земјите со високи примања ќе имаат најголема придобивка од јадењето помалку месо. Во Јужна Азија и Супсахарска Африка, каде што потрошувачката на месо е веќе на ниско ниво, зголемување на внесот на овошје и зеленчук би било од корист. Географските разлики би можеле да им помогнат на законодавците да креираат целни политики.

Она што истражувачите особено сакаат да го истакнат, е дека секој поединец треба да почне да прави промени секој еден ден.

„Она што го јадеме во голема мера влијае врз нашето лично здравје и глобалната животна средина", вели доктор Марко Спрингман.

Ние не очекуваме сите да станат вегани", додава тој. „Но, влијанијата од системот на храна врз климатските промени ќе биде тешко да се коригираат, и најверојатно ќе ни бидат потребни повеќе од само технолошки промени. Примената на поздрави, поеколошки одржливи начини на исхрана може да значи голем чекор во вистинската насока. Обемот на предвидените придобивки треба да ги поттикне сите луѓе, индустријата и креаторите на политиките да дејствуваат одлучно за да се осигураме дека она што го јадеме всушност ја зачувува животната средина и нашето здравје.“

Досегашните спроведени студии на оваа тема дале слични резултати. Во 2012 година, истражувачите од Универзитетот во Ексетер дојдоа до сознание дека со намалување на глобалната потрошувачка на месо на половина „може значително да се намалат нивоата на јаглерод диоксид.“

 

Ива Апостолска
„АнимаМунди“ – здружение за заштита на животните

Извор:
- http://www.oxfordmartin.ox.ac.uk/news/201603_Plant_based_diets