Информираме дека е започната меѓународна иницијатива за затворање на Вардариште .
Најсилните и највлијателните меѓународни организации за заштита на животните „Vier Pfoten, и ЕНПА Италија, како и бројни други здруженија од Франција, Англија, Србија, Албанија, Хрватска ( One voice, Animal Hope, Help Animals, Feniks, Prijatelji Zivotinja, SAV и други) искажуваат поддршка на Анима Мунди и се приклучуваат на нашите барања за затворање на стационарот кој веќе цела деценија е логор за бездомните кучиња од градот. Со свои писма се обраќаат до надлежните институции и одговорните лица – градоначалникот Коце Трајановски, директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Поповски и бараат итен прекин на заловување на мали кутриња, итен прекин на масовното усмртување, итен влез /мониторирање на работата на Вардариште од страна на волонтери; масовна стерилизација, наместо тамошниот масакар.
Сите овие здруженија ќе лобираат за затворање на стационарот кај своите матични претставници во Европскиот Парламент и ќе го претстават проблемот пред релевантни европски институции. Посочуваме дека светот е шокиран и згрозен од податоците, снимките и сликите на Вардариште, од фактот дека малите кутриња речиси сите, без исклучок, се заразуваат од заразните болести кои владеат во стационарот. Таквата умирачка не е никако брза, туку следи по страшни болки, бавно распаѓање на органите, цревата, често пати задушување. Прашуваат зошто воопшто биле заловени кога малите кучиња - бебиња и кутриња од 1, 2, 3 месеци, не можат да подложат на методата предвидена со програмата на Град Скопје – имено, тие не можат да бидат стерилизирани. На тој начин Стационарот Вардариште (кој е транзит центар, а не прифатилиште) работи спротивно на Програмата на Град Скопје зошто програмата предвидува „залови-стерилизирај и врати . Посочуваме, во вакви услови директорот на Агенција за храна и ветеринарство е повеќе од должен да прогласи епидемија и забрана за внес на нови животни!
Враќањето на заловените животни на територијата од која потекнуваат речиси и да нема.
Произволно се заловуваат и усмртуваат кучиња иако нема показатели дека не се мирни и здрави, и за кои постојат големи шанси да бидат вдомени. Проблемот со прекубројноста на кучињата во градов никако не е решен, на место на убиените животни доаѓаат само нови и нови единки; потрошени се енормни пари од буџетот.
Прашуваме до кога ова самоволие и до кога ќе се толерира оваа суровост? Дали сме или не сме пред законот сите исти? Зошто се прогледува низ прсти на институција која со години не задоволува ни одблиску стандарди пропишани со законодавството на Република Македонија, обврските дефинирани со „ПРАВИЛНИКОТ за технички услови за прифатилишта, услови за чување на животните во прифатилиштата, постапките за еутаназија..„.До кога институциите со својата нехуманост ќе ја деградираат и срамат Република Македонија?!
Информираме дека поднесовме пријава до надлежниот орган Агенција за храна и ветеринарство и директорот г-н Зоран Поповски во однос на стационарот и очекуваме негово итно затварање се додека од корен не се смени тамошното функционирање и не се воспостават услови за негово хумано работење.
ПИСМАТА МОЖЕТЕ ДА ГИ НАЈДЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК